вторник, 13 февруари 2007 г.

Директори и порнографија

Како што секој просечно добар порно филм доживува свое продоллжение така и нашиов средношколски ги следи законите на порно индустријата.
Нормално вториот дел е многу по hard core со повеќе актери и се разбира со повеќе содржина. Најзаслужни за тоа се кој друг ако не директорите или што би рекле на запад directors. Не знам дали има случајна или намерна сличност меѓу нашето директор (на школо) и англиското director (on а porn movie), ама сличност има.

Еве како нашите директори размислуваат со нивните глави длабоко набутани во социјалистчкиот песок во кој живеат цел живот.

„Обично по медиумите, по весниците се пишуваат само оние лоши работи што се случуваат во училиштата или едвај чекаат да почне некоја тепачка, па тие да дојдат со своите камери“, вели Снежана Мироновска, директор на ДСУ „Јосип Броз Тито“.

Медиумите и весниците работат за профит. Нивната цел е да продаваат нешто кое другите ќе го купат. Информација за порно клипови у средно школо се продава како алва, информација за прво место на балканијада по математика не се продава (да не се лажеме). Бидејќи капитализамот е таков (суров) и го продава она што луѓето го сакаат тука сте измислени вие директорите. Ваша должност меѓу илјадниците други во вашиот опис и попис на работното место е да ја држите јавноста информирана за се што се случува во Вашите училишта. Значи кога ќе освоите прво место, кога ќе победите на некој конкурс, кога ќе добиете некаква донација за успешен проект обзнанете. Јавете му на светот. Направете прес, направете реклама. Одете на Google и видете што значи кратенката PR. Кога сите позитивни работи (кои никој не се сомнева дека ги има) во Вашите училишта ќе излезат на видело, ќе почнете да го менувате сваќањето за образовните институции како легла на дрога, порно, тепачки, “кидачи“ од часови и неранимајковци. Во спротивно, фатете си ред пред Вашиот колпортер кога ќе пукне новото клипче.

„Родителите најчесто свесно бегаат од сознанието дека нивните деца имаат проблеми. Родителите се главни виновници за проблемите на децата. Немајќи време да им посветат внимание, тоа го надоместуваат со пари. Мобилните телефони ги прифаќаат како тренд и забава. Оттука и видеоклиповите со порноснимки“, смета Наташа Јаневска. Директорка на СУ Моша Пијаде – Тетово.


Се кладам дека госпоѓава станала директорка, зошто открила топла вода. Како јас како родител ќе го надоместувам моетот отсуство кон моите деца е мој проблем. Можам да им купувам мобилни, коли, станови, можам да ги сакам или не, тоа Вас не ви е грижа. Вие сте прв човек на институција која по законите на оваа држава се грижи за образованието и воспитанието на децата до 18 год. возраст. Недостатокот на внимание од професорите и нивната непрофесионалност е виновна за појавата на порно клипови во УЧИЛИШТАТА. Појавата на порно клипови ДОМА или некаде на друго место е вина на родителите. Мадам, ако имате 1000 деца во Вашето школо и 100 наставници, како ви се случува да се снимаат клипови. Каде тие 100 вработени го трошат својот мал и голем одмор? На мобилен со швалерките, на семинари од кои глава не можете да дигнете, во сендвичарите и пиљарите у школски земени под наем или таксираат за време на паузи и големи одмори.
Јас во потрага по егзистенција сум отишол да работам 16 саати, а за тоа време(барем дел) сум го пратил моето дете во училиште. За тоа плаќам чесно секој месец од мојата плата, за тоа плаќам даноци и други давачки. А Вие за возврат не ми испорачувате квалитетна услуга и не се грижите за безбедноста и сигурноста на нашите деца. Да и тоа ви е обврска во тие 6 саати додека децата се кај Вас на училиште.

“Учениците се обременети со она што се случува во нивните домови. Се' повеќе има деца на разведени родители, на стечајци, на алкохоличари и на бизнисмени. Затоа тие стануваат агресивни, често отсуствуваат од часови и се незаинтересирани за наставата“, нагласи директорката на Никола Карев - Горица Илиоска. Според неа, училиштата треба повеќе да се отворат кон децата за да ги почувствуваат како свои, но за тоа е потребна и помош од државата.

Зарем е возможно моето училиште да го води ваков “lost in space“ директор. Тажно. Во мојот клас пред 15 години во Никола Карев имаше 4 деца од разведени семејства, 5 деца со по еден родител. Тројца беа деца на алкохоличари, а на двајца мои соученици родителите им беа со тешки неизлечиви болести. Сите тие и ние со нив драга моја професорке, излеговме на пат. Се помагавме, се држевме и сите денес сме со факултети и повеќе и сите сме вработени кој со семејство кој се уште не, ама идат натаму. Ни еден не беше агресивен, ни еден не беше незаинтересиран. До кога ќе го мавате самарот, пошто гедам коњот одамна ви замина. Училиштата своевремено беа отворени за нас, ама вие ги затворивте. Ги затворивте небаре со тоа ги штитите од дрога, секс, оружје, грабежи и тепачки. Не, Вие овие пороци на транзицијата ги затворивте во училиштата и не ги пуштате да си одат. Ставате “Комета“ – мајмуни да не чуваат за 10 евра од дете, а од кого ги чуваат? Ставате сигурносни камери од по 30 000 евра, ставате огради од ковани железа им фали само уште струја, а “мобилките“ се пак уклучени на record и снимаат ли снимаат, порно клипови нормално.

Бисерот во оваа порно сага.

„Во првата година од средното образование треба да се воведе задолжителен предмет мир и толеранција, што сега е изборен. Во спортските обложувалници, наводно, не смеат да уплаќаат деца помлади од 18 години, а тие, практично, се најбројни. Во кафеаните, пак, се точи алкохол за деца кои не се полнолетни“ – Драган Арсовски, директор на Р.Ј Корчагин

Гдине Директор, ако имате диплома, скинете ја, ако немате скинете ја таа од средно. Мене ми е јасно дека Ви е тешко и дека за Вашата струка и колегите како Вас, мир и толеранција е единствениот спас. За неупатените тој предмет е замена за ОНО и него го предаваат сите. Од хаусмајсторот, преку библиотекарите, па идат математичарите, филозофите, географите и сите кои немаат доволно часови. Мир и толеранција е “социјалниот вентил“ на нашето средно образование. Место технолошки предаваш тоа.
Во кафана се точи алкохол на малолетни, во кладилници одат малолетници токму така. Црвен картон за државата. А колку такви објекти се затворени.....исто колку што и училишта се затворени заради поседување на оружје кај учениците.
Како може г-динот директор да раскажува вакви приказни, денес кога во РМ не се случило ни едно школо, ни еден директор да биде казнет, сменет или било што заради тепачки со оружје во неговото школо. Велат 600 инциденти се случиле, а ни еден директор не одговарал. И сега Вие зборите за кладилници и кафани. На средношколски матурски алкохол се пие повеќе од секоја просечна свадба, ама еден директор не паднал заради тоа. Ако полицијата не ги застанува додека идат на училиште со возилата од родителите без возачки, зошто директорите ги толерираат да прават “шкрипки“ во школските дворови? Зошто од истите тие родители изнудуваат пари и опрема под фирмата “донирам/спонзорирам“ за син ми да помине средно? Вакво лицемерие и самобендисаност одамна не сум сретнал.
А луѓето (директорите) дискутираат на тема порно клипови во нашите училишта.

Она што мене лично најмногу ме разочара во целава приказна не се директорите он нив горе долу овие бисери и ги очекував. Но изјавата на претседателката на Комисијата за образование и наука на Собранието на РМ е страшна. По страшно е што никој во јавноста не реагираше на тоа и најстрашно е што ггата има само 35-6 години(каде ли ги научила основите на соц-системот. Во партијата, ли?).

„Не сакаат да прифатат дека нивните деца се проблем во училиштето и наместо да придонесуваат, да бидат сојузници заедно со наставниците, со директорот и психологот во изнаоѓање решенија што ќе бидат добри прво за нивното дете, застануваат на страна на детето по секоја цена“, изјави Славица Грковска, претседател на Комисијата за наука, образование и спорт.

Родителите прифаќаат дека нивните деца се проблемот, но педагозите, психолозите, наставниците и директорите не прифаќаат дека проблемот треба да се реши. Тие се оние кои бегаат од сојузништво. Педагогот треба секој ден да “кисне“ меѓу децата, а не да листа билтени (за кладење). На децата им треба совет за работите кои не можат да си ги одговорат. Тие сакаат од нас постарите да слушнат што кога прв пат ќе им понудат дрога, како да одбијат секс на 14 години, зошто не треба да се краде кога се нема, а не психологот да го праќа моето дете по пиво во замена за 4 неоправдани.
Никогаш нема да прифатам средношколски наставник да биде мој сојузник додека има гласни изјави на класен совет “Ма нека пушат нека се отрујат“ “Ако сакаат очи нека си извадат“ “Колеги не влегувајте во нивните тепачки, може и Вас да ве повредат“. Една од последните средношколски жртви на дрогата во Скопје, молеше да остане во училиштето (каде учеше) и да и се помогне. А нејзината класна стори се ама буквално се, во сојуз со другите професори, девојчето да се истера. Изговорот на “сојузниците“ беше, “Дрогашка е, такви не ни требаат“. Е затоа родителите ќе стојат на страната на своите деца па макар тие биле и најлошите на светов. Зошто оној кој по своја воља и од љубов се определил професионално да работи со деца континуирано потфрла.

Гревот на мене ако грешам, ама со две раце ќе потпишам дека 80% од персоналот во нашите училишта (професори, педагози, директори идр) во своите мобилни ги имаат порно клиповите. И не како доказ во постапката него за забава. Велам гревот на мене ако грешам.



1 коментар:

Драган Зајковски рече...

костадин,
иако баш и не се мирисаме, јас и ти, ти и јас :)))
сепак,
за овој текст се согласувам со тебе.

поздрав.