вторник, 20 март 2007 г.

Верското образование во РМ - I дел

  • Основни термини

Трниливиот пат на транзиција кој го оди Македонија е пат во непознатото но воедно и пат кон постигнување на повисоки стандарди, реформи во сите сфери на живеењето и нормално пат кон евро-атлантските интеграции што се да подразбираат и вклучуваат тие. Скитајќи по патот секој ден се среќаваме со секакви ситуации кои по правило имаат по неколку можни излезни решенија. Нашата улога е да одбереме едно од нив, а дали ќе го одбереме вистинското решение или не, е прашање на кое одговор ќе ни даде времето (или веќе ни го дава во некои случаи). Кога не сме направиле вистински избор, веднаш се враќаме назад на поправната клупа, момент кој ни одзема дополнително време, енергија и ресурси но тоа е тоа. Животот е суров.

Отвараме дебати, конфорнтираме мислења, се препираме и се убедуваме за се и сешто. Некогаш од тоа имаме корист некогаш немаме, но таа е играта.

Пред неколку години, во периодот на првото владеење на народните-демохристијани (како што сами милуваат да се прикажуваат) беше почнат проектот за вклучување на верското образование во јавните училишта (приватни немаме т.е има неколку кои се вон овие дебати). Тогашната иницијатива застана на самиот почеток. Првата утка беше направена со благословот од свештените лица во школските холови на 1 септември, па после тоа следуваа други несмасни потези кои на крај завршија на Уставен суд. Уставниот суд водејќи се по законите и начелата на Уставот донесе одлука дека РМ како секуларна држава не може да спроведе религиозно – верско образование во јавниот систем на школување (основно и средно). Од тогаш поминаа неколку години. Во годината пред избори (последниве) во очајничката борба за останување на власт, владата на Бучковски се обиде да кокетира со верските заедници најавувајќи некаква форма на верско образование во РМ но се тоа беше до изборите и толку.

Новата власт идеата ја доведе до проект кој го турка со сериозност и решителност тоа да биде направено. Кај нив дефинитвно од сите нивни изјави нема дилема дали и кога. Едноставно работата и го чекаат вистинскиот момент кога ќе добиеме верско образование. Е сега каде (основни или средни или и двете) и на кое ниво (одделение – калсови) останува да се види.

Дебати околу идеата на оваа Влада има иако најголем дел од нив се сведуваат на стандардното партиско препукување и кокодакање во “макрадули стил“ што и не се смета за сериозна дебата, нели.

Нивото на јавната дебата се симнува од сите страни и од разни причини. За субјективните немам намера да коментирам бидејќи тоа се смислени, договорени или порачани опструкции.

Она што е основно, а на кое ретко кој му обрнува внимание на самиот почеток е непрецизната терминологија. Вистинските термини и правилната дефиниција на истите е половина завршена работа. Токму од тие причини се осврнувам на основните поими и разликите меѓу нив.

Имено. Од една страна се зборува за воведување на веронаука, други зборуваат за потребата од религиско образование, трети бараат да се воведе верско образование, па да се воведе историја на религиите, религија и етика, религиски науки итн итн....

Ретки се оние кои ги разбираат и правилно ги толкуваат термините и ја сваќаат во целост содржината на термините. Ваквата не усогласеност доведува до забуна и најчесто до утнати дебати во кое се конфронтираат застапниците на веронауката со застапниците на религиското образование.

Од друга страна постои и поинаков пристап кон самата материја. Постојат два видови на образование кое се занимава со верата-религијата како општествен феномен: неконесионално и конфесионално верско(религиско) образование.

Конфесионалното верско образование е систем кој ги внесува слушателите во суштината на религиозниот систем на кој му припаѓа слушателот. Таму се изучува верата, заветот, светите книги, тајните и се она кое е битно за изградба на еден верник.

Наспроти ова го имаме неконфесионалниот модел на верско образование кој е извор на информации и запознавање со културолошкиот, општествениот и тредиционалниот феномен на религиите во наша близина и насекаде во светот.

Овој тип на верско образование се потпира на поинаков пристап и понакви методи, а како крајна цел има сосема поинакви поенти од конфесионалното религиско образование.

Освен тоа голема е разликата и кој го предава т.е кој може да го предава едниот и другиот тип на верско образование. Конфесионалното е во тесна врска со теолозите, а неконфесионалнот е “занает“ на историчари, социолози, филозофи и теолози.

Друг многу битен момент е формата на во која ќе се понуди овој тип на образование. Постојат задолжителни предмети, постојат изборни предмети, постои факултативна настава, додатна настава и сл. Ова е извонредно битен детаљ на кој ретко кој посветува внимание. Веднаш кога ќе се споне верско образование противниците даваат аргумент, а што со атеистите и оние кои не сакаат да слушаат веронаука. И тука се врти муабетот на кавга дали смеееме или не да ги тераме и нив да одат на овој тип на настава, заборавајќи го елементот на изборна настава, факулатативна настава или задолжително-изборен предмет.

На крај уште еден аспект на целава проблематика. Современата образовна наука денес познава интегрирано и неинтегрирано обраование од одреден тип. Интегрирано образование подразбира информации и знаења за одредена област кои се предадени преку постојните предмети кои се изучуваат, наспроти издвоеното или неинтегрирано. Дел од противниците на верското образование во РМ како силен аргумент во рака го имаат податокот дека денес во Македонија имаме интегрирано религиско образвование. Тоа религиско образование според нив се добива преку предметите: Историја, Македонски јазик и литература, Етика, Социологија, Филозофија и Уметност.

Сите овие термини и разлики меѓу нив на прв поглед изгледаат јасни и не многу битни но се клучни особено за правилно насочување на јавната расправа која се води на оваа тема, зошто е илузорно да се очекуваат квалитетни расправи и заклучоци ако едните зборуваат за веронаука и ја поддржуваат, а другите се против религиското образование дадено низ социолошко-историска призма. На крајот се враќам на самиот почеток. Изборот на вистинското решение почнува со правилното запознавање на проблематиката во спротивно ќе се доведеме повторно во ситуација на погрешен избор кој ќе не врати назад на клупата која никој не ја посакува, аеднаш веќе седевме на неа на прашањето за верското образование во системот на јавно образование во РМ.

Нема коментари: