Уште една трагедија под закрила на нашиот образовен систем. Веќе не им се знае бројот едноставно ги нумерираме со “уште една“.
Вчера се удави шестоодделенец од Топанско поле, во базенот “Младост“. Огромна трагедија за неговото семејство, мала за Министерството и државата. Морам вака грубо да ја опишам вчерашната трагедија. Едноставно премногу пати се случуваат не сакани работи со трагичен крај за нашите ученици, што веќе се ова изгледа мало и“ништо страшно“.
Прашањето од типот “До кога...?“ се наметнува само по себе, но се прашувам дали воопшто вреди да се поставува. Ајде да пробаме.
До кога ќе ни се случуваат вакви работи?
И што сега.....ништо. Молк. Одгоор нема кој да даде. Сите знаеме дека се доволни три дена во кои ќе го одмолчиме настанот и тој ќе се заборави.
Државниот секретар најавува цитирам
“Ќе се поставува и прашањето на одговорноста, Министерството за образование и наука ќе превземе се за да се расчисти овој случај во целост“.
Колку што превзеде за минатогодишниот случај кога ученик загина на Маврово лизгајќи се на најлон за време на еднодневна екскурзија организирана од училиштето или колку што превзеде пред три години кога загина девојче на пат на пливачки митинг или кога ...... ги имаме и премногу.
Она што е ужасно лошо е што секој ваков настан на крај се сведува со вперен прст кон директно одговорниот наставник/професор и тука завршува целата приказна. Директорот ќе го суспендира наставникот, па тој ќе оди на суд, па ќе го казнат, па тој ќе се жали па ќе добие па апелација па ова она и толку.
А никој не поставува јавно прашање, зошто децата вчера биле на базен?
Дали е тоа предвидено со програмата по физичко за 6 одделение. Ако е, зошто е тоа така. Кој направил таква програма? Дали креаторот на идеата да се има час по пливање, скијање, кајак, планинарење ги знае условите во Македонија или едноставно го препишал наставниот план од некоја друга земја. Имаме ли ние услови да ги пуштиме нашите деца на базен, на скијање во склоп на часовите по физичко кога немаме ни услови ни луѓе за нешто такво. Идиотизам е да се верува дека е успешен час кога 30 деца скокаат и се веселат во базен длабок 2 метри, а надвор стои еден професор или еден спасител. Мене воопшто не ми е гајле за приказни од типот дека светските стандарди велат дека еден спасител е доволен на 50 луѓе. Воопшто не ми е гајле зошто тоа е теорија и ништо повеќе, кој не верува нека ги отвори очите малку повеќе.
Имаме ли ние услови да ги пуштиме нашите деца на вежби по хемија во лабараторија во која нема мантили, нема заштитни очила, нема ПП апарат?
Имаме ли ние можности да ги праќаме децата на пракса во “лабаратории“/работилници во кои алатите се стари и по 40 години и во кои електричните инсталции се на работ на распаѓање?
Имаме ли ние воопшто правила и мерки на заштита и дали некој ги знае нив. И најеретичкото од сите прашања, ги спроведува ли некој во пракса тие мерки на заштита на учениците?
И после вакви прашања, ние прстот го вперуваме кон наставникот кој го водел часот. Па што да прави. Да не се држи до програмата и да биде казнет? Да се држи и да носи на душа еден млад живот? Да апелира до Директорот, Бирото за развој кое ги креира наставните порграми, да бара помош од Министерството...почнав да пишувам научна фантастика веќе.
Поуки не влечеме, тоа е повеќе од јасно. Особено ни е тешко да влечеме поуки од вакви трагедии, иако од нив треба најмногу да учиме. Јас се надевам дека некому конечно во оваа држава ќе му светне црвената сијаличка и ќе се запраша зошто ни се случуваат вакви работи.
Дали е тоа навистина немарност на професорот, дали е се само желба за ситен профит на релација наставник-базен/агенција/скијачки терени и сл. или причините за ваквите трагедии лежат некаде на друго место, во некои други списи и фасцикли и во некои други глави кои едноставно не можат да размилусваат од премногу долгото седење во нивните советнички фотељи.
Вчера се удави шестоодделенец. Што направи системот во тој поглед??? Ништо, тој одамна ни е удавен во најтемните и најматните води на нашава вечна транзиција.
Нема коментари:
Објави коментар