понеделник, 7 мај 2007 г.

Лицето “БЦ“ и почитта

Член 79 од Уставот на РМ е посветен на правата и обврските на Претседателот на Републиката. Членот 79 во својот прв став вели, цитирам
“Претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката“.
Широко дефинирање на улогата на Претседателот. Едноставно се оставило простор да Претседателот на Републиката може да бира начини на кои ќе ја претставува Македонија. Читајќи го овој став ми се чини дека единственото ограничување се законите и Уставот, а се друго е оставено на креативноста и интелектот на личноста која е Претседател на Републиката, како тој ќе ја претставува. Се разбира креаторите на Уставот кога го напишале ова тргнале од единствената логичка позиција дека претставувањето на Републиката е единствено позитивна и афирмативна активност и обврска на Претседателот.
Република Македонија го живее животот водена од својот трет Претседател (во неговиот прв мандат). За тоа како и колку претседателите ја исполниле обврската од став еден на член 79 ќе цени (суди) историјата, но и ние кои секојдневно се соочуваме со премрежјата на обичниот живот кој го создава мозаикот наречен Република Македонија.
Верувам дека секој има поинакви замисли за тоа како и во кој обем Претседателот треба да ја претставува Републиката, но постојат некои општо прифатени норми и стандарди околу кои сите сме согласни. Претседателот ја претстваува Републиката надвор пред меѓународните организации, форуми, пред странските колеги итн итн. Тој како највисока институција има обврска и внатре пред домашната јавност да ја претставува Републиката. Најчесто на државни празници, пред странски гости, на одбележување на настани битни за граѓаните на РМ и за државата во целост.
Присуството на Претседателот на ваквите настани само дава дополнителна големина и тежина. Празно делуваат прославите или доделувањата на државни награди без Претседателот. Срамежливо делува Републиката која на некој меѓународен настан (од државнички размери) го нема Претседателот. Но често пати се случува да не може да се стигне на сите места одеднаш и во тој случај Претседателот именува свои претставници кои место него земаат учество на настаните и ја претставуваат Републиката.
Присуството, а понекогаш и не присуството на некој настан носи порака, став, позиција која ја има Претседателот (а преку него и Републиката) во врска со одредено прашање, ситуација, настан и сл.
Претседателот на Реублика Македонија во последниве две години не присуствува на одбележувањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев во црквата Св. Спас. Тој последниве две години испраќа свои претставници.
Највисоката државна институција во РМ, на тој начин го гради односот кон личноста за која 99,99% од сите македонски граѓани (без разлика на националност, вера и сл) имаат најсилно можно почитување и буквално акламативно го прифаќаат за свој национален симбол.
Се поставува прашањето што се случува со Претседателот и зошто два пати по ред не доаѓа да ВО ИМЕ НА РЕПУБЛИКАТА, која го избрала и именувала за Претседател, му оддаде почит на темелникот на македонската национална свест и битие.
Поаѓаме од точката дека не е возможно Претседателот да има некакви скриени ставови кон ликот и делото на Делчев, па гласно размислуваме.
Можеби бил зафатен со некоја друга побитна активност во тој период? Но два пати по ред во рок од две години? Чудно.
Можеби кабинетот направил превид. Но дали е допустиво две години по ред кабинетот да прави (не)намерен превид за истиот настан.
И сега во име на позитивниот дух можеме да бараме и да наоѓаме цели купови оправдувања зошто ова се повторува две години по ред.
А можеме да се запрашаме и обратно. Дали е се ова ненамерно и случајно или Преседателот го користи своето право преку неприсуство да испрати некаква порака на јавноста или на останатите институции во државата.
И тука следи лавина од прашања и толкувања зошто Претседателот не доаѓа да ја поклони РМ пред Гоце Делчев.
Личноста која во даден период е Претседател на Републиката, во одредени ситуации по функција ги надминува своите лични убедувања, ставови и однос кон одредени прашања и треба (и се однесува) во согласност со принципите, потребите и насоките во кои се движи Републиката.
Можеби, личноста која последниве две години е Претседател на РМ, интимно смета дека не треба да оди таму како граѓани, но како Претседател не ни смее да си го постави тоа прашање.
Значи ни останува да седиме и да се прашуваме, што тоа сакаше да ни каже “учителката“ денес? Лута ли ни е. Дали нешто згрешивме?
Ваквата пракса на недоаѓање по службена должност од страна на лицето кое е Претседател на РМ кај него постои од порано. Тоа ни дава за право да сметаме дека ваквата политика од негова страна е праќање јасни сигнали до јавноста и другите институции.
Истата таа личност во времето кога беше Премиер (1992 – 1998) редовно не се појавуваше на ниедна црковна прослава ни на Велигден ни на Божик.
Атеизмот и секуларизмот кој тој лично и интимно го има во себе е неспорен и никој не бара да се смени и да биде верник, но неприсуството со цел да се даде поддршка на институцијата која води вековна борба за признавање, а преку неа и мак.народ се бори за истото е најмалку речено симптоматично.
Наспроти ова еден од првите сериозни предлози кои стигнаа од Претседателот пред три години беше идеата во центарот на Скопје да се изгради споменик на Тито. Таа иницијатива дојде од кабинетот т.е од Претседателот.
Каква порака имаше таа иницијатива на сите ни е јасно. Не треба многу мудрување за да се свати што и како сака да ни каже Претседателот предлагајќи ни за свој симбол во центарот на главниот град да го ставиме Тито. Потврда на бугарско-грчките ставови за титоистичка творба. Дрво без корен, народ скитник, кој во не можност да создаде свои историски личности позајмува од подалечното соседство. Избор на личност која во еден дел е силно компромитирана и оспорувана.
Таа идеа не помина (сега за сега). Во меѓувреме се изродија неколку нови идеи. Се јавија нови иницијативи и се реализираа неколку нови замисли. Така аеродромите во Македонија добија имиња “Александар Велики“ и “Апостол Павле“. Запрашан за став, Претседателот изјави:
“Ги немам сите аргументи, врз основа на кои што владата на РМ донесе таква одлука за применување на Скопскиот аеродром“.
Какви аргументи му беа потребни на Претседателот, за името и личноста на Александар Македонски. Па не беше предложено аеродоромот да се вика У Тант за да нему му требаат аргументи и да научи која е личноста.
Нејсе. Помина и тоа. И еве не сега пред сериозна дилема.
Сака ли Претседателот да ја проблематизира улогата и значењето на Гоце Делчев во историјата на македонскиот народ и Држава?
Има ли Претседателот (се уште) дилеми околу прашањето кој треба да стои највисоко во македонскиот национален и државотворен Пантеон?
Ги прифаќа ли Претседателот, “научните ставовои“ од исток кои служејќи се со невидена пропаганда и манипулација секојдневно тврдат дека зад Делчев се крие “благонадежен Блгари“, па нашиот Претседател штитејќи ја Републиката не се појавува на неговото чествување?
Ни праќа ли Претседателот порака дека се поклонуваме пред “погрешна личност“?
Тера ли Претседателот гол инает со сите останати во Македонија, од неколку прости причини. Има рејтинг цели 2%, никој од институциите не го “ферма“. Свесен е дека нема да добие на следните избори, “Октоподот“ е во туѓи раце итн итн, па сега за инат на се ова “ќе видат они“.
Има една која вели “Почитувај за да те почитуваат“.
Ако веќе сака да го почитуваат (ова важи за сите минати и пред се за сите идни претседатели), треба да ја заслужи почитта од граѓаните.
Јас како Македонец ( а верувам и многу други) никогаш нема да го почитувам (а ќе го прифатам зошто е по закон избран) било кој кој е на чело на државата кој повеќе ќе зборува за светлото минато под Тито, за потребата од релативизирање на МПЦ во секојденвниот живот на мак. народ и сл. Нема да прифатам и нема да имам никаков пиетет кон некој кој сака да биде прв, да биде Претседател, да го реализира ставот од член 79 на Уставот на РМ, а има потреба од дополнителни консултации и аргументирања околу улогата и значењето на личности кои оставиле “белег над белезите“ во историјата на овој народ.
Какви аргументи му требаат на Црвенковски (Претседателот) за да ги изгради своите (државнички) ставови по однос на почитувањето на Александар Велики, Кирил и Методиј, Гоце Делчев, М А Ченто, од страна на Република Македонија. Тука априори се застанува зад нив и се бранат бидејќи на тој начин се брани идентитетот на државата во дадениот момент. Се друго е релативизирање во корист на некој друг, а тоа веќе ги отвара прашањата зошто и за чии интереси работи претседателот на една самостојна и независна држава? А тоа е опасна ситуација која не знаеме од каде доаѓа и кон што не води. Тоа мора да се признае исто како што мора и тој да признае дека секој ден му е се појано и појасно зошто е само “лицето БЦ“ наместо Претседателот на Република Македонија.

Нема коментари: